ЕУ очекува безусловна соработка на Србија во истрагата за нападот на северот на Косово

Петер Стано, портпарол на ЕУ

Европската унија (ЕУ) очекува соработка од Србија во истрагата за нападот што се случи на 24 септември на северот на Косово, а мандатот за оваа истрага и припаѓа на косовската полиција, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

„Треба да го видиме конечниот резултат од истрагата, соодветна, темелна истрага, разјаснување на сите контексти, сите околности околу терористичкиот напад и поврзаните настани. Очекуваме целосна и безусловна соработка од страна на Србија во овој поглед“, рече портпаролот на Брисел.

Стано ја повтори подготвеноста на ЕУ за воведување на евентуални мерки против Србија, во случај да се потврди поврзаноста зад нападите на северот на Косово.

„Европската унија е подготвена да ги оцени мерките и во однос на Србија. Доколку земјите-членки одлучат дека имаат доволно информации, доволно факти, тие ќе реагираат во моментот кога ќе донесат одлука за тоа“, рече Стано.

Видете и ова: Убиен полицаец на северот на Косово

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од вооружена група Срби во селото Бањска во општина Звечан, кога беше убиен полицаецот Африм Буњаку.

По нападот од заседа на полициската патрола, српските напаѓачи се засолнија во манастир во селото Бањска, од каде продолжи пресметката на нанапаѓчите со полицијата, по што тројца од нив беа убиени.

Европската унија оцени дека станува збор за терористички чин.

Видете и ова: Петковиќ: Бараме од КФОР и ЕУЛЕКС да бидат објективни

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, во понеделникот, 2 октомври, изјави дека властите во Србија не бараат од мисијата на НАТО КФОР и Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), „да застанат на српска страна“.

Сепак, портпаролот Стано рече дека мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, не е надлежна да го истражува овој случај.

„Мандатот на ЕУЛЕКС е да ја следи состојбата, да и пружи помош на косовската полиција, на нејзино барање. Мандатот на ЕУЛЕКС не вклучува истрага“, рече Стано.

Одговорноста пак за нападот во селото Бањска ја презеде сега веќе поранешниот потпретседател на партијата српска листа Милан Радоичиќ, а воениот врв на Србија денеска ги демантираше и наводите на косовските власти дека војската планирала упад на Косово.