Петковиќ: Бараме од КФОР и ЕУЛЕКС да бидат објективни

Петар Петковиќ, директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, во понеделник, 2 октомври, изјави дека властите во Србија не бараат од мисијата на НАТО КФОР и Мисијата на Европската Унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) „да застане на српска страна“.

„Бараме само да бидат објективни, да бидат неутрални“, рече Петковиќ на прес-конференцијата во Белград, што ја закажа во врска со настаните во Бањска, во Звечан на северот на Косово, од 24 септември.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од вооружена група Срби во селото Бањска во општина Звечан, кога беше убиен полицаецот Африм Буњаку.

По нападот од заседа на полициската патрола, српските напаѓачи се засолниле во манастир во селото, од каде продолжиле со пресметката со полицијата. Тројца од нив беа убиени.

Петковиќ, во изјава за новинарите, рече дека не добил одговор од ЕУЛЕКС на неговото, како што наведе, второ писмо во врска со деталите од обдукцијата на тројцата Срби.

„Клучно е прашањето за обдукцијата“, рече Петковиќ.

Тој изјави дека на ЕУЛЕКС „бил одбиен“ да учествува во истрагата заедно со косовската полиција во теренската потрага и дека се уште не добил одговор на тоа прашање.

Петковиќ ја обвини косовската полиција дека ги прикрила доказите за тоа како беа убиени српските напаѓачи во Бањска на 24 септември.

На 28 септември ЕУЛЕКС ги демантираше тврдењата на српските власти дека не им било дозволено да учествува во полициската акција на 24 септември во Бањска, откако беше нападната косовската полиција.

„На ЕУЛЕКС на никаков начин не му е забрането да учествува или да ги набљудува операциите спроведени од косовската полиција на 24 септември“, изјавија тогаш од мисијата на европскиот блок за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Свечља: Белград се обиде да го анектира северот на Косово

Официјален Белград побара ЕУЛЕКС да биде вклучен во истрагата. Во својот одговор до РСЕ на 28 септември, ЕУЛЕКС не наведе дали го прифатил таквото барање од Србија, но најави дека нема „извршен мандат да спроведува истраги“.

„Мисијата ги следеше и ќе продолжи да ги следи активностите што ги спроведуваат властите во Косово во врска со нападот, како што се истраги, заплени и рации. Во согласност со нивниот мандат и законодавството на Косово, претставниците на ЕУЛЕКС присуствуваа на обдукцијата во својство на набљудувачи“, се наведува во одговорот на ЕУЛЕКС.

Во меѓувреме, косовската полиција ја продолжува истрагата во северно Косово, една недела по конфликтот.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља во неделата, 1 октомври, изјави дека неговата земја собрала докази кои докажуваат дека Србија се обидела да го анектира северот на Косово и дека напаѓачите долго време се подготвувале во воените бази во Србија.

Свечља на прес-конференцијата рече дека во нападот на косовската полиција учествувале повеќе од 90 лица. Свечља рече дека и во неделата во Бањска било пронајдено ново, поголемо количество оружје.