Бизнис царството на Трамп во опасност, почнува судењето за измама

Поддржувач на поранешниот американски претседател Доналд Трамп држи американско знаме пред кулата Трамп во Њујорк, САД на 1 октомври 2023 година

На Доналд Трамп и неговиот семеен бизнис во понеделник треба да им се суди во Њујорк за случајот за измама што би можел скапо да го чини поранешниот американски претседател и неговата империја со недвижнини.

Трамп, фаворит за претседателска номинација на републиканците во 2024 година, е обвинет од обвинителката на државата Њујорк, Летиција Џејмс дека неосновано ја зголемил вредноста на својот имот за милијарди долари за да обезбеди подобри услови за заем и осигурување.

Според судската пријава, Трамп планира да присуствува на првата недела од судењето во државниот суд на Менхетен, пренесува Ројтерс.

Судењето доаѓа седум дена откако судијата што го води случајот утврди дека Трамп е одговорен за измамата и најмногу ќе се однесува на казните со кои се соочува.

Трамп со измама ја „надувал“ вредноста на својот имот, одлучи судијата во Њујорк.

Видете и ова: Трамп со измама ја зголемил вредноста на својот имот

Џејмс бара парични казни од најмалку 250 милиони долари, трајна забрана против Трамп и неговите синови, Доналд Џуниор и Ерик да води бизнис во Њујорк и петгодишна забрана за комерцијални недвижности од Трамп и неговите компании.

Трамп рече дека случајот е дел од политички лов на вештерки.

Судијата Артур Енгорон минатата недела пресуди дека Џејмс го докажал нејзиниот случај за измама против Трамп, неговите двајца возрасни синови и десет негови компании.

Енгорон опиша како тие направиле проценки. Ова ја вклучува пресметката на Трамп за вредноста на станот во кулата Трамп како да е три пати поголема од вистинската вредност.