Бајден - Поддршката на САД за Украина не смее да биде прекината

Претседателот на САД, Џо Бајден, во Белата куќа, 1 октомври 2023 година.

Американскиот претседател Џо Бајден на 1 октомври, по потпишувањето на законот со кој се избегна блокада на американската влада, вети дека помошта за Украина што беше исфрлена од законодавството ќе продолжи. Тој очекува Конгресот да ја усвои помошта во посебна легислатива.

Американскиот Конгрес во последен момент усвои закон за привремено финансирање на владата до 17 ноември, со што се овозможи владините служби да останат отворени и по 1 октомври. Но, со цел да се обезбеди усвојувањето на законот, пратениците се откажаа од помошта за Украина, што и е потребна во нејзината борба против Русија.

Пола час пред да истече крајниот рок, Бајден го потпиша законот за привремено финансирање, со што на членовите на Конгресот ќе им се овозможи да преговараат за целосниот буџет за фискалната 2024, која започна на 1 октомври.

Бајден во обраќањето од Белата куќа рече дека Украина може да смета на поддршката на САД.

„Во никој случај не можеме да дозволиме да се прекине американската поддршка за Украина“, додаде тој.

Бајден го повикува Конгресот да преговара за пакетот помош што е можно поскоро, велејќи дека има „огромно чувство на итност“.

Тој рече дека очекува претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти (републиканец од Калифорнија) да остане посветен во обезбедувањето на потребната поддршка на Украинците за „да се одбранат од агресија и бруталност“.

На прашањето дали може да му верува на Мекарти дека ќе го почитува договореното, Бајден рече: „Само што направивме еден за Украина, па ќе дознаеме“.

Официјален претставник на Белата куќа рече дека Бајден мислел на ветувањето од републиканците да усвојат посебен предлог-закон за ова прашање.

Мекарти рече дека „ќе се погрижи да биде обезбедено оружје за Украина“, но во интервју за американската телевизија Си Би Ес (CBS) додаде дека тоа ќе биде само во врска со законодавството што се однесува на јужната граница на САД, како што бараат екстремно десничарските републиканци, кои инсистираат приоритет да бидат домашните прашања, како илегалната имиграција и криминалот.

Украина ја смирува ситуацијата, велејќи дека Киев продолжува да работи на обезбедување нова помош.

„Украинската влада сега активно работи со своите американски партнери за да се осигура дека новата одлука за буџетот на САД, која ќе биде изработена во следните 45 дена, вклучува нови средства за помош на Украина“, рече портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко.

И покрај зголемените знаци дека има замор за војната во американскиот Конгрес, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека смета на тоа дека Соединетите Држави ќе продолжат со својата непоколеблива безбедносна поддршка за Украина.

„Веруваме дека ова нема да биде последниот збор“, рече Борел за време на посетата на Киев на 1 октомври. „Имам надеж дека тоа нема да биде дефинитивната одлука и дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“.

Борел се состана со претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, по што изјави дека ЕУ подготвува долгорочна безбедносна посветеност на Украина.

„На Украина и требаат повеќе можности и ѝ требаат побрзо“, напиша Борел на платформата X, поранешен Твитер. Тој рече дека разговарал за „континуирана воена помош на ЕУ“ за време на неговиот прв личен состанок со Умеров.

Агресијата против Украина „е придружена со масивни хибридни напади, со пропаганда, малигни манипулации со информации и сајбер напади“, додаде тој, велејќи дека ЕУ продолжува да ја поддржува Украина во одбраната од дезинформациите на рускиот претседател Владимир Путин.

Видете и ова: Спречена блокада на американската влада


Умеров, кој ја презеде функцијата министер за одбрана во септември, на X соопшти дека е благодарен за „континуираната поддршка“ на ЕУ и рече дека состанокот е „појдовна точка за голема соработка“.

Тој рече дека со Борел разговарале за артилерија, муниција, воздушна одбрана и програми за долгорочна помош, обука и локализација на одбранбената индустрија во Украина.

Умеров, исто така, му се заблагодари на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, со кој телефонски разговарале на 1 октомври за натамошна воена помош од САД.

„Секретарот Остин ме увери дека поддршката на САД за Украина ќе продолжи [и] украинските војници ќе продолжат да имаат силна поддршка на бојното поле“, рече Умеров.