НАТО испраќа уште 200 војници во Косово

Американски војници кои служат како дел од КФОР чуваат контролен пункт на пат во близина на селото Лепосавиќ, во северно Косово, на 18 август 2022 година.

НАТО објави дека испраќа уште 200 војници во Косово, како дел од мировната мисија КФОР, потврди портпаролот на Алијансата, Дилан Вајт.

Испраќањето на дополнителен број војници е одобрено на 1 октомври, на барање на Врховниот командант на сојузничките сили за Европа.

Дополнителните 200 војници ќе се приклучат на британскиот контингент од 400 војници кои дејствуваат во Косово.

Алијансата потврди дека ќе следи дополнително засилување на војниците на КФОР од другите земји-членки.

„Одлуката уследи по нападот врз косовската полиција на 24 септември и ги зголеми тензиите во регионот“, потврди Вајт во соопштението што го испрати до медиумите.

Тој наведува дека оваа одлука е внимателен чекор за да се осигури дека силите на КФОР ги имаат потребните капацитети за исполнување на нивниот мандат и одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово.

Видете и ова: Косово бара од Србија да ги повлече воените трупи од граничната линија


„Ги повикуваме Белград и Приштина повторно да се вклучат во дијалог со посредство на Европската унија, што е единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност за сите заедници. Сите страни, исто така, треба да се воздржат од запалива реторика, која е контрапродуктивна и ризикува дополнително да ги влоши тензиите“, се вели во писмената изјава на портпаролот на НАТО.

Ова е второ засилување на војниците на НАТО во Косово за една недела, по нападот што се случи на 24 септември на северот на земјата.

Косовската полиција тој ден беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да отстрани два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина други беа повредени.

Во престрелката подоцна, полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, додека шестмина беа уапсени. Ден подоцна, во Бањска беа уапсени уште двајца.