Уапсен осомничениот за убиство во Хром, неговата мајка во притвор за подметнување пожар

Полицијата попладнето на 1 октомври го уапсила 39 - годишниот А.Д. од Скопје, осомничен за убиство на 36-годишниот И.Ј. во скопската населба Хром, извршено на 22 септември.

Претходно, беше уапсена и мајката на осомничениот, на која и е одреден и 30 дневен притвор, а која се сомничи дека предизвикала пожар во станот на убиентиот, со цел да се прикрие убиството сторено од синот.

По пожарот во стан во зграда на улица Исаија Мажовски во скопската населба Хром на 22 септември беше пронајдено безживотното тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека осомничениот бил уапсен на подрачјето на населбата Влае. Тој е осомничен за „убиство“ и „тешки дела против општата сигурност“.

Скопското обвинителство, претходно денеска, соопшти дек „осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото“, соопшти обвинителството.

Видете и ова: Мајка го запалила станот во Хром за да го прикрие убиството што го сторил синот

Во соопштението се наведува дека по убиството, тој повеќепати телефонски ѝ се јавил на својата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со тоа предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.