ВМРО - ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за амнестија, изјави на 1 октомври претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Бидејќи нема европско знаменце ќе мора да се дискутира по стандардна процедура и тогаш отворено кажуваме дека ќе го блокираме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку законот за амнестија се носи по скратена постапка и со европско знаменце, Мицкоски најави дека ќе побара од највисоките тела на партијата поддршка за одлуката пратениците на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот.
Видете и ова: Амнестии - И затворите полни и криминалците на улицаМицкоски денеска во Струмица се обрати на Втората годишна конференција на Унија на ветерани на партијата.
Тој вели дека сега пред избори власта со Законот за амнестија прави сценарио за слобода на голем број криминалци, кои ќе им помогнале во изборната кампања.
Вчера и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека донесувањето на законот за амнестија е непотребно, оти, како што вели, законот нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.
Владата на 26 септември го усвои Предлог законот за амнестија.
Предлогот предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.
Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.