Ердоган до терористите - Нема да ја постигнете целта

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се обраќа на членовите на парламентот во Анкара, Турција, 1 октомври 2023 година.

„Терористите никогаш нема да ја постигнат својата цел“, изјави претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на 1 октомври, неколку часа по бомбашкиот напад во центарот на Анкара, пренесе Агенцијата Франс Прес (АФП).

Ердоган го соопшти ова за време на обраќањето на првата седница на турскиот парламент по тримесечната летна пауза, неколку часа откако бомбаш-самоубиец активираше експлозивна направа во центарот на Анкара.

„Злобниците кои го загрозуваат мирот и безбедноста на граѓаните не ги постигнаа своите цели и никогаш нема да ги постигнат“, рече Ердоган.

Бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи.

Подоцна Курдистанската работничка партија (ПКК), која е означена како терористичка група од Турција и нејзините западни сојузници, ја презеде одговорноста за нападот.

„Против турското Министерство за внатрешни работи беше извршена пожртвувана акција од екипа на нашата Бесмртна бригада“, наведе ПКК за новинската агенција АНФ, што е блиска до курдското движење.

Видете и ова: Бомбаш самоубиец детонирал бомба во Анкара, повредени се двајца полицајци


Како што соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер, напаѓачот бил убиен кога бомбата била активирана, додека другиот напаѓач бил убиен во размена на оган со полицијата.

Во нападот полесно се повредени двајца полицајци.

Полицијата го блокираше пристапот до центарот на градот и ги засили безбедносните мерки.

Се уште нема информации за напаѓачите и нивните мотиви.

Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека е започната истрага за „терористичкиот напад“.

„Овие напади на никаков начин нема да ја попречат борбата на Турција против тероризмот“, рече Тунч во објавата на социјалната мрежа Х.

Осуди од НАТО, САД, соседите

Нападот во Анкара го осудија НАТО, САД, соседи на Турција од регионот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на платформата „Х“ напиша дека „НАТО е солидарен со Турција во борбата против тероризмот“.

Тој им посака на двајца повредени полицајци брзо и целосно закрепнување.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Анкара и други странски мисии, исто така, објавија изјави во кои го осудија нападот.

Нападот го осуди Египет, кој ги нормализираше односите со Турција по една деценија тензии.

Осуди за нападот во Анкара пристигнаа и од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи. Тој во својство на претседавач со ОБСЕ го осуди денешниот терористички напад во Анкара.

„Северна Македонија силно ја поддржува Турција во нејзината борба против тероризмот“, напиша на Фејсбук министерот Османи.

Албанскиот премиер Еди Рама го осуди терористичкиот напад во Анкара и побара Европа да ја поддржи Турција во борбата против тероризмот.

Освен Рама, реагираше и министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани.

Министерството за надворешни работи на Грција, преку платформата „Х“ го осуди терористичкиот напад во Анкара и изрази солидарност со турскиот народ и турската Влада.