Големи антивладини протести во Варшава на две недели пред изборите

Опозициска марш во Варшава, Полска, 1 октомври, 2023

Илјадници луѓе денеска излегоа на централниот плоштад во Варшава на протест против конзервативната влада, во пресрет на парламентарните избори закажани за 15 октомври, пренесува новинската агенција Франс прес (АФП).

На протестот повика лидерот на опозицијата Доналд Туск. Тој е поранешен премиер и лидер на центристичката опозициска партија Граѓанска платформа.

АФП објави дека граѓаните почнале да се собираат во раните утрински часови, а некои дојдоа од други градови во Полска.

Многумина од учесниците носат знамиња на Полска и на Европската унија (ЕУ).

„Се случува голема промена – ова е знак на голема полска преродба“, рече Туск пред насобраните.

Сличен собир беше организиран во јуни, а според организаторите, присуствуваа околу 500 илјади луѓе.

Две недели пред парламентарните избори, владејачката партија Право и правда (ПиС), која често е во судир со ЕУ, и се соочува со обвинувања за подривање на владеењето на правото, според анкетите, води со околу 35 отсто од гласовите.

Видете и ова: Германија ги зајакнува граничните контроли со Полска и Чешка


Опозицискиот сојуз Граѓанска платформа има 27 отсто поддршка од гласачите.

Лидерите на владејачката ПиС за денеска најавија митинг во градот Катовице на југот на земјата. Нивната кампања ја одбележи антиимигрантската политика. Партијата е на власт од 2015 година.

Полска, која е членка на ЕУ и НАТО, се најде во центарот на вниманието на светската јавност минатиот месец, по најавата дека ќе престане да ѝ испорачува оружје на Украина поради дипломатскиот спор околу житото.

Спорот почна по руската инвазија врз Украина, кога целосно беа затворени главни црноморски бродски рути за извоз на жито, што ја принуди Украина да бара алтернативни копнени рути. Тоа доведе до ситуација големи количини украинско жито да завршат во Централна Европа.

Поради тоа, ЕУ привремено забрани извоз на украинско жито во пет земји-членки – Бугарија, Романија, Унгарија, Полска и Словачка, за да ги заштити локалните земјоделци кои стравуваа дека украинското жито ја снижува цената на локалниот пазар.

Забраната истече на 15 септември и ЕУ одлучи да не ја продолжи, но Унгарија, Словачка и Полска одлучија да продолжат со примената.