Османи контактирал со Дачиќ за зголемените српски трупи на границата со Косово

Бујар Османи, министер за надворешни работи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ денеска го контактирал својот српски колега Ивица Дачиќ за да изрази загриженост за зголемувањето на српските воени трупи долж границата меѓу Косово и Србија.

Османи на својот профил на Фејсбук напиша дека ги поздравува изјавите за повлекување на војската како прв чекор кон деескалација.

„Ја поздравувам одлуката на НАТО за дополнителни трупи на КФОР. ОБСЕ присутен и подготвен да помогне во намалување на тензиите и поттикнување на дипломатскиот процес“, пишува Османи на Фејсбук.

Владата во Приштина доцна во саботата ги повика властите на соседна Србија да ги повлечат своите воени трупи од граничната линија со Косово.

Претходно тоа го порачаа и високи претставници на Соединетите Американски Држави (САД) и на Европската унија (ЕУ). Во саботата вечер српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово. Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.

Видете и ова: Србија нема да испраќа војска на Косово по пораките на САД и ЕУ

До распоредувањето на српските сили долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска кај Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, која негира каква било поврзаност.

Косовската полиција тој ден беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да отстрани два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина други беа повредени.

Во престрелката, полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, додека шестмина беа уапсени. Ден подоцна, во Бањска беа уапсени уште двајца.