Казни во износ од околу 100 илјади евра за непочитување на владината Одлука за намалување на цените, се изречени од 19 септември, кога е донесена одлуката.
Во тој период се направени над 550 надзори и се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга, соопшти на 1 октомври директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.
Владата на 19 септември донесе одлука да ги намали цените на вкупно 24 категории на производи. Поевтинија пекарските и млечните производи, некои видови на месо, како и овошјето и зеленчукот. Цените се намалија за 10 отсто во однос на нивото на цените од август, а кај некои производи и до 30 отсто. Оваа мерка ќе се спроведува до крајот на ноември.
Директорот на Пазарниот инспекторат на прес-конференција, рече дека во изминатите десетина дена се покажало дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и дека нема да има компромис за никого.
Видете и ова: Ќе поевтинат јужното овошје и дел од зеленчукот„Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период“, рече Трајковски.
Тој вели дека целта не е компаниите да бидат затворени, туку да се почитуваат одлуките.
На новинарско прашање околу недостигот на некои производи во маркетите, како јајцата, а претходно и месото, како што пријавуваа потрошувачи, Трајковски рече дека трговците треба да кажат ако имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира.