Мајка го запалила станот во Хром за да го прикрие убиството што го сторил синот

Пожар во зграда во скопската населба Хром. Полицијата пронајде тело, за кое подоцна соопштија дека лицето било убиено, а пожарот подметнат за да се скрие убиството. 22 септември, 2023.

Синот осомничен за убиството во Хром е во бегство, мајката осомничена за подметнување пожар доби 30 дена притвор.

По пожарот во стан во зграда на улица Исаија Мажовски во скопската населба Хром на 22 септември беше пронајдено безживотното тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.

Скопското обвинителство денеска соопшти дека обезбедените докази даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин.

„Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото“, соопшти обвинителството.

Во соопштението се наведува дека по убиството, тој повеќепати телефонски ѝ се јавил на својата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со тоа предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.

Осомничениот за убиството е недостапен за полицијата.

Неговата 59-годишна мајка е уапсена по што ѝ бил определен 30-дневен притвор.