Вучиќ - Србија нема да испрати војници во Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на интервју за Ројтерс во Белград, Србија, 28 септември 2023 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 30 септември изјави дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово. Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.

Тој посочи дека ескалацијата на конфликтот би била контрапродуктивна кога станува збор за желбата на Србија да стане членка на Европската унија и нагласи дека предупредувањата на Вашингтон се непропорционални, бидејќи бројот на српските сили на теренот се намалува.

„Минатата година имавме 14.000 луѓе во близина на административната линија, денес имаме 7.500 и тоа ќе го намалиме на 4.000“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.

Тој рече дека Србија не сака конфликт.

„Зошто ова би било корисно за Белград? Која би била идејата? Да ја уништиме нашата позиција што ја градевме една година? Да ја уништиме за еден ден? Србија не сака војна. Србија нема да има корист од ова, бидејќи тоа би ја загрозило нејзината позиција во преговорите со Приштина под покровителство на ЕУ“, рече Вучиќ.

Видете и ова: Србија нема да испраќа војска на Косово по пораките на САД и ЕУ

Распоредувањето на српските војници долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во северната општина Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, но Белград негира каква било поврзаност.

На 24 септември косовската полиција била нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Потоа, во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив биле уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште двајца.

Од 2013 година Приштина и Белград водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Брисел.

Нормализацијата е клучна за напредокот на двете земји кон членството во Европската унија.