Романија, која е членка на НАТО, денеска информира за можна повреда на својот воздушен простор за време на ноќните руски напади со дронови врз инфраструктурата во соседна Украина.
Откако го напушти договорот кој овозможува безбеден извоз на украински житарици преку Црното Море, Москва ги засили ударите на јужните украински региони околу Одеса и Миколаив, каде што се наоѓа клучната инфраструктура за извоз на жито.
„По откривањето на група дронови кои се упатија кон украинска територија недалеку од романската граница“, жителите во општините Тулчеа и Галац беа предупредени, соопшти Министерство за одбрана.
Видете и ова: Ноќна размена на проектили меѓу Русија и УкраинаРадарскиот систем за набљудување извести за можен неовластен влез во националниот воздушен простор, се додава во соопштението.
Министерството наведе дека, барем досега, никакви предмети не паднале на романска територија, но дека истрага ќе продолжи и денеска.
Околу полноќ, жителите на Галац и Тулчеа, кои преку Дунав гледаат на пристаништето Рени во јужна Украина, добија известување да се засолнат. Мерките за тревога беа укинати два часа подоцна.
Претходно во септември, романските војници подигнаа засолништа од воздушни напади за да ги заштитат жителите во источното романско село Плауру, откако во областа беа пронајдени делови од дронови.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, НАТО е загрижен дека судирите може да се прелеат на територија на Алијансата.