Над 100 илјади луѓе избегале од Нагорно-Карабах

Бегалци од Нагорно Карабах.

Ерменија соопшти дека над 100 илјади луѓе избегале од Нагорно-Карабах откако Азербејџан ја зазеде таа отцепена територија во молскавична офанзива пред нешто повеќе од една недела. Ереван поднесе жалба пред Меѓународниот суд на правдата на Обединетите нации (ОН) за да го спречи Баку од наводното таргетирање на тамошните Ерменци.

Кабинетот на ерменскиот премиер Никол Пашанијан претходно соопшти дека властите регистрирале над 80 илјади од над 100 илјади луѓе кои досега избегаа од Нагорно-Карабах, што се три четвртини од највисоките проценки за целата популација на регионот.

Ерменските претставници стравуваат од етничко чистење, а се засилија меѓународните повици да се спречи хуманитарна катастрофа.

Азербејџан, во меѓувреме, ги повика Ерменците да останат во своите домови и ги повика агенциите на ОН да испратат мисија „за да се запознаат со тековните хуманитарни активности што ги спроведува Азербејџан во регионот“.

Видете и ова: Азербејџан тврди дека ќе им дозволи на експерти од ОН да го посетат Нагорно-Карабах


Портпаролот на ОН Стефан Дужарик синоќа соопшти дека ОН викендов ќе испратат мисија во Нагорно-Карабах, област која е меѓународно призната како дел од Азербејџан, но беше по контрола на етничките Ерменци кои имаа поддршка од Ереван со децении по распадот на Советскиот Сојуз.