Норвешка ја затвора границата за автомобили регистрирани во Русија

Знамето на Норвешка

Норвешките власти соопштија во петокот, 29 септември, дека со ретки исклучоци во полноќ на 2 октомври ќе ја затворат границата за возила регистрирани во Русија, што претставува дополнително заострување на мерките против оваа земја поради војната во Украина.

Забраната се однесува само на возила со помалку од девет седишта и предвидува некои исклучоци како што се хуманитарни итни случаи. Исклучок се и автомобили на дипломати и возила на граѓани во Европската Унија кои престојуваат во Русија.

„Норвешка ги поддржува своите партнери во одговорот на бруталната агресорска војна која Русија ја води во Украина“, изјави шефицата на норвешката дипломатија Аникен Хајтфелд.

Видете и ова: И Финска забрани влез за возила регистрирани во Русија

Таа додаде дека е важно санкциите да бидат ефикасни за да се нарушат приходите кои им се неопходни на руската држава за финансирање на војната.

Норвешка не е членка на ЕУ, но ги прифати речиси сите санкции кои Борел ги воведе од нападот на Русија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Некои земји од ЕУ кои граничат со Русија, како Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска, веќе ја затворија својата граница за возила регистрирани во Русија, во согласност со препораките на Европската комисија.