Азербејџан има намера да дозволи група експерти на Обединетите нации (ОН) да го посетат регионот Нагорно-Карабах „во рок од неколку дена“, објави во петокот, 29 септември, кабинетот на претседателскиот советник.
Медиумите ќе имаат можност да го посетат и Карабах, според наведеното во соопштението, додека бројот на етничките Ерменци кои го напуштиле регионот по молскавична воена офанзива на Азербејџан достигна речиси 90.000, од околу вкупно 120.000 жители.
САД, но и други држави го повикаа Баку да дозволи меѓународни набљудувачи да влезат во Нагорно-Карабах, поради загриженоста за можни прекршувања на човековите права. Ерменија го обвини Азербејџан за етничко чистење во Карабах, но Баку тоа и натаму го негира.
Азербејџанскиот претседателм, Илхам Алиев, изјави дека правата на Ерменците во Карабах ќе бидат целосно почитувани, но дека неговата „железна тупаница“ ја става во историјата идејата за независен етнички ерменски Карабах.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Алиев му рекол на американскиот државен секретар Антони Блинкен во телефонски разговор во вторникот дека неговите сили целеле само кон „воените објекти за време на антитерористичките мерки, кои траеле помалку од 24 часа, а немало повредени цивили“, се вели во соопштението на канцеларијата на азербејџанскиот претседател.
Во исто време, егзодусот на етничките Ерменци од Нагорно-Карабах во Ерменија продолжува, десет дена по молскавично брзата азербејџанска воена офанзива која му даде целосна контрола на Баку врз отцепениот регион.
По брзата акција на азербејџанската армија, на 20 септември двете страни потпишаа договор за прекин на огнот.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот, кој по распадот на Советскиот Сојуз беше мнозински етничка ерменска енклава во меѓународно признатата граница на Азербејџан.
Видете и ова: Ерменија обвинува за етничко чистење во Нагорно-Карабах