Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се сретнал со Андреј Трошев, поранешниот началник на Генералштабот на платеничката група Вагнер и му ја предал одговорноста за формирање нови доброволни борбени единици.
„На нашиот последен состанок разговаравме за тоа дека ќе бидете ангажирани во формирање на доброволни единици кои можат да извршуваат различни борбени задачи“, рече Путин на средбата со Трошев и рускиот заменик министер за одбрана Јунус-Бек Јевкуров на 28 септември, според транскриптот од разговорот објавен ден подоцна.
Путин истакна дека Трошев „е свесен за прашањата што треба да се решат претходно за да се обезбедат подобри и успешни борбени активности“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 29 септември им изјави на новинарите дека поранешниот началник на кабинетот на Вагнер сега работи во Министерството за одбрана.
Видете и ова: Полска: Вагнер сака да го дестабилизира источното крило на НАТО
Во август, Институтот за проучување на војната соопшти дека командантите на Вагнер го обвиниле Трошев и другите високи функционери на платеничката група за „предавство на Вагнер за приватната воена компанија Редут, поврзана со руското Министерство за одбрана“.
Редут, комбинација од неколку помали групи ветерани на Руската служба за надворешно разузнавање, руските воздухопловни сили и единиците на руското Министерство за одбрана, е активен во војната во Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.
Извештајот на Институтот беше објавен три дена пред авионот поврзан со основачот и лидер на Вагнер, Евгениј Пригожин, да се урне меѓу Москва и Санкт Петербург на 23 август, при што загинаа сите 10 лица во него.
Видете и ова: Смртта на Пригожин: Пет прашања за тоа што следува
На 27 август, руските власти соопштија дека телото на Пригожин било идентификувано од лекарите, заедно со телото на уште девет лица во авионот „Ембраер 600“, кој се урна во регионот Твер во сомнителни околности.
Два месеци пред неговата смрт, на 23-24 јуни, Пригожин испрати илјадници свои борци во краткотраен бунт против воената команда што се бори во Украина, наметнувајќи му го еден од најголемите предизвици на Путин во неговата дведецениска власт.
Бунтот следуваше по неколкумесечните интензивни јавни борби со руското воено раководство за воената стратегија во Украина и снабдувањето со муниција, бидејќи борците на Вагнер одиграа главна улога во тешките борби за градот Бахмут на истокот на Украина.
Во средината на септември, британската влада ја додаде групата Вагнер на својата листа на терористички организации, велејќи дека таа останува закана за глобалната безбедност дури и по смртта на Пригожин.
Претходно во јануари Вашингтон го назначи Вагнер за транснационална криминална организација.