Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, во петокот на 29 септември поднесе оставка од таа функција, соопшти градската управа.
Сепак, како што се наведува, тој ќе продолжи да го води Белград до „изборите и последниот тест на довербата на белграѓани“.
„Штотуку поднесов формална оставка од функцијата градоначалник на град Белград, за да почнам да создавам законски услови за одржување на изборите, каде покрај парламентарните и локалните избори би се одржале на 17 декември“, изјави Шапиќ.
Претседателите на општините низ Србија, од владејачката Српска напредна партија (СНС), од четвртокот поднесоа оставки од своите функции.
Овие одлуки доаѓаат откако српскиот претседател Александар Вучиќ на 27 септември за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека изборите може да се распишат „на 17 декември“.
Тој рече дека заедно ќе се одржат парламентарни, локални и покраински избори.
„Денеска разговарав со Александар Шапиќ, се договоривме и како ќе бидат претставени резултатите за Белград, тој најверојатно ќе ја предводи таа листа“, изјави Вучиќ за Радио-телевизија на Србија.
Видете и ова: Српската опозиција поднесе барање за предвремени избориДел од опозицијата што ги организира протестите „Србија против насилството“ во септември побара предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што наведоа, не е исполнето ниту едно од барањата на протестите.
Протестите „Србија против насилството“ се одржуваат секоја недела по двете масовни убиства на 3 и 4 мај во Белград и областа Младеновац, во кои загинаа вкупно 19 лица, од кои повеќето деца.
Барањата на протестот се исти со месеци, поточно смена на членовите на Советот на РЕМ и раководството на РТС.
Тие бараат и затворање на печатените медиуми и укинување на програмите и националните телевизиски фреквенции кои промовираат насилство и омраза, како и смена на министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција, Александар Вулин.