Косовската полиција во петокот на 29 септември соопшти дека врши проверки на пет локации во три општини на северот на Косово, во врска со нападите врз полицијата во селото Бањска во општина Звечан.
Во судирите меѓу полицијата и вооружените групи во Бањска на 24 септември загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.
Според информациите на Радио Слободна Европа на терен, полициски службеници во Северна Митровица се во близина на градската болница и ресторанот Греј.
Се претпоставува дека овој ресторан е во сопственост на Ема Радојчиќ, сопругата на Милан Радојчиќ, потпретседателот на Српската листа, кого косовските власти го обвинуваат дека го организирал и учествувал во нападот во Бањска.
Видете и ова: Косово со резолуција бара меѓународна истрага за нападот во БањскаПолицијата соопшти дека проверките ги врши во координација со мисијата ЕУЛЕКС за владеење на правото и мисијата на НАТО на Косово, КФОР.
Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља објави видео од дрон на кое вели дека се гледа Радојчиќ вооружен во униформа.
На 28 септември, Собранието на Косово усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција во Бањска и се наведува потребата од меѓународна истрага за улогата на Србија во тој напад.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека напаѓачите се локални Срби од Косово, „кои повеќе не можат да го издржат теророт на косовскиот премиер Албин Курти.
Нападот во Бањска го осудија САД и Европската Унија. Многу членки на Европската Унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа.