Затворањето на американската влада е сѐ поизвесно

Американски конгрес

Прекинот на работата на американската федерална влада е сè поизвесно поради спорот меѓу демократите и републиканците за буџетските трошења во Конгресот. Затворањето, една минута по полноќ на 1 октомври, ќе наруши многу услуги, ќе влијае на вработените во владата и ќе предизвика нови нарушувања во американската политика, пренесува Гласот на Америка.

Демократите во Сенатот гласаа да се отвори дебата за нацрт-законот со кој се продолжуваат федералните трошоци до 17 ноември, но републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, веќе рекоа дека нема да го поддржат усвојувањето на тој закон.

Според „Вашингтон пост“, прекинот на работата на владата значи дека милиони федерални вработени и членови на војската ќе престанат да добиваат плата и дека многу од нив ќе мора да се појавуваат на работа.

Во исто време, некои национални паркови и музеи ќе бидат затворени, а ќе има нови прекини и одложувања на аеродромите низ САД. Затворањето на владата ќе влијае и на најважните федерални програми за помош, како што е онаа што им помага на жртвите од смртоносните шумски пожари во Мауи, Хаваи.

Видете и ова: Американскиот Конгрес има уште четири дена да го одобри владиното финансирање

Во меѓувреме Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за одбрана, јавија британските медиуми, забележувајќи дека тоа се случи откако претседателот на Долниот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, го отстрани финансирањето за Украина, на барање на тврдокорните членови на неговата Републиканска партија.

Во меѓувреме Претставничкиот дом на САД, исто така, усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за домашна безбедност.

Предлог-законите се меѓу неколкуте изгласани законски проекти, на крајот на седницата во текот на ноќта, што меѓутоа нема да спречи делумно затворање на владата, од недела, 1 октомври.