Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, изјави дека Косово ја истражува евентуалната вмешаност на Русија во нападот врз полицијата во Бањска во Звечан.
На 24 септември, наредникот Африм Буњаку беше убиен, а неколку полицајци беа повредени откако органите на редот беа нападнати од вооружена група. Исто така, при размена на оган загинаа и тројца осомничени напаѓачи.
Косово ја обвини Србија за овој напад, кој го нарекува терористички. Белград негираше дека е вмешан во настаните во Бањска и Звечан.
Видете и ова: Косово со резолуција бара меѓународна истрага за нападот во БањскаСвечла во интервју за „Асошиетед прес“ рече дека истражителите бараат докази кои ја поврзуваат Русија со вооружениот напад. Руското оружје и опрема и други документи укажуваат на вмешаноста на Русија во вооружениот напад, рече тој.
„Она што со сигурност го знаеме е дека (напаѓачите) дошле од Србија. Некои од нив се косовски Срби, кои имаат двојно државјанство - косовско и српско и според информациите од нашите разузнавачки служби, тие биле обучени во кампови во Србија. Најдовме некои документи поради кои се сомневаме дека имало и луѓе од Русија. Што се однесува до опремата имаме докази, но за поединците се уште само се сомневаме“, изјави Свечла.
На Запад постои страв дека Русија, дејствувајќи преку Србија, би можела да има за цел да го дестабилизира Балканот и да го оттргне вниманието од нејзината окупација на Украина. Русија и понуди поддршка на Србија по нападот во Бањска, обвинувајќи го Западот дека не ги заштитил косовските Срби.
Свечла рече дека врз основа на собраните сведоштва и снимките од дрон, некои од напаѓачите, кои тој ги нарече „терористи“, носеле маски за време на операцијата.
„Дури и членовите на групата кои беа уапсени не знаеја кои се тие. Значи, или се високи функционери на српскиот безбедносен сектор или дошле директно од Русија.
Според него, целта на операцијата очигледно била да се преземе контрола врз северот на Косово со крајна цел да се одвои оваа област населена претежно со Срби од остатокот на земјата.
„Тие имаа над 100 униформи. Планираа да регрутираат повеќе луѓе во (заедниците) каде што живеат Србите...Косовските институции тогаш ќе треба да се соочат со неколку стотици терористи, според сценариото што го планираа“, рече тој.
Видете и ова: Косовската полиција покажа што запленила по нападот во БањскаОвие тврдења тој ги засноваше и на големиот број оружје што според него полицијата го пронашла во Бањска.
Според Свечла, опасноста од ново востание не поминала.
„Немаме конфликт, но имаме информации дека обуката на такви терористи продолжува во Србија. Во Косово сè уште има луѓе кои се дел од оваа група“, изјави Свечла за „Асошиетед Прес“.
За настаните во Бањска во моментов се уапсени четири лица, а на 25 септември полицијата покажала оружје и друга опрема за која велат дека биле запленети во ова село.
Свечла претходно презентира снимки од дрон, велејќи дека на нив се гледа потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, вооружен во Бањска. Косовскиот функционер изјави дека Радоичиќ го водел и учествувал во нападот на 24 септември.
Видете и ова: Косовската влада обвини дека Радоичиќ бил водач на нападот во БањскаПретседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан. Сепак, тој рече дека не ја знае целта на нападот на групата врз косовската полиција.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија најостро го осудија нападот и побараа одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.