Вучиќ бара повлекување на косовската полиција

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ повика на повлекување на припадниците на косовската полиција од северот на Косово.

На состанокот на 28 септември во Белград со министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Расмусен, Вучиќ ги повика претставниците на меѓународната заедница да ги преземат сите мерки за да се спречат „опасните и неодговорни потези на Приштина и да се заштити српското население“, објави претседателството на Србија.

Како што се наведува, Вучиќ го означи развојот на ситуацијата во Косово како „најкомплицирана и најопасна досега“ и додаде дека настаните од 24 септември „се најјасен показател за намерата на Приштина да спречи каков било договор со Белград“.

Видете и ова: Косово со резолуција бара меѓународна истрага за нападот во Бањска

Во соопштението се наведува дека Србија е „подготвена да работи на продолжување на дијалогот со посредство на Европската унија“.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица во близина на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово. Во конфликтот загинал полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина се повредени.

После тоа, во размената на оган загинаа тројца српски напаѓачи.

Косово го смета нападот за терористички и ја обвинува Србија за тоа, додека Белград негира дека има некаква врска со нападот.

Групата која ја нападна косовската полиција, како што тврди официјална Приштина, ја предводел Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од Белград.

Видете и ова: Косовската влада обвини дека Радоичиќ бил водач на нападот во Бањска

Приштина овие тврдења ги темели на видеа снимени со дрон, кои ги објави министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, тврдејќи дека на нив се гледа Радоичиќ.

На 27 септември, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за Радио телевизија Србија изјави дека Радоичиќ е во Србија и дека ќе биде сослушан.

На прашањето дали видеото е автентично и дали Радоичиќ бил во Бањска, Вучиќ одговори дека тоа ќе го утврдат надлежните органи.

„За мене, како претседател на Србија, тие луѓе никогаш нема да бидат терористи. Дали можам да оправдам убиство на полицаец, нема оправдување и поради тоа државните органи на Србија ќе преземат чекори“, рече Вучиќ.

Косовската полиција откри арсенал оружје од различен калибар, автомобили, униформи и други предмети планирани за напад во областа Бањска.

Осум лица беа уапсени по 24 септември.

Видете и ова: Следните чекори на ЕУ по завршувањето на истрагата за нападот на Косово

Нападите на косовската полиција ги осудија САД и Европската унија, а упатија и повици сторителите да се изведат пред лицето на правдата.

Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, соопштија дипломатски извори на Радио Слободна Европа (РСЕ), без да го прецизираат бројот на инволвирани земји.