Судската администрација излезе на улица, бара повисоки плати

Протест на Синдикатот на УПОЗ, 28 септември 2023 година

Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација од цела држава денеска протестираат во Скопје со барање за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата.

Протестот почна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи со краткотрајни собири пред Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.

„И да добиеме покачување од 78 проценти, никој од овие вработени нема да ја надмине просечната плата во државата (околу 36 илјади денари), само ќе се доближи до неа. Работата во судовите е тимска и доколку еден не си ја заврши работата, судијата нема да може да донесе пресуда“, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Протест на Синдикатот на УПОЗ

Од 27 септември во штрајк се вработените во обвинителствата. И тие бараат зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто. Штрајкот ќе трае сè додека не им се исполнат барањата.

Обвинителската администрација ќе работат само за предмети во кои има притвор, претрес или неодложни жалби. Вработените во правосудството останаа без пари за додатоци оти парите за тие намени отидоа за повисоки плати за судиите и обвинителите.

Видете и ова: Жешкото синдикално лето оставено за во септември

За следната недела се најавува и штрајк на вработените во државното Правобранителство, рече Деаноски.

„Ако и колегите од судовите започнат штрајк, ќе се парализира целото правосудство. Мора да се разбере, не се живее и не е фер ако еден во судовите зима огромна плата, а нашите плати да бидат во размер еден спрема шест и еден спрема седум“, рече Деаноски.

Протестен марш денеска од пред Кривичен суд во Скопје до Министерството за финасии организираа и Независниот синдикат на судската администрација и Синдикатот на затворската полција, со истите за зголемување на платата и враќање на додатоците на плата.

Протест на Независниот синдикат на судската администрација

По почетокот на протестот од Синдикатот на УПОЗ информираа дека се повикани на средба во Министерството за правда во 14 часот.

Членството на УПОЗ по денешниот протест дополнително ќе одлучи за идниот начин на делување, дали ќе штрајкуваат или ќе излегуваат пред судовите.