Ќе поевтинат јужното овошје и дел од зеленчукот

илустрација

Владата донела одлука да се намалат царинските давачки од 65, 55 и 45 отсто на 10 отсто за повеќето производи кои спаѓаат во категоријата овошје и зеленчук, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши, во интервју за Телевизија 24 вести.

Оваа одлука не важи за домати, краставици и пиперки, имајќи во предвид дека ќе им се даде дополнителен рок на нашите производители на овие производи до 1 декември за да го снабдуваат и македонскиот пазар, вели Бектеши.

Тој истакна дека според анализите на Министерството за економија има зголемен извоз на земјоделски производи од нашата земја што се надополнува од увоз од соседните земји, што на крај влијае негативно кај домашните потрошувачи преку повисоки цени.

„Заради тоа што сме обврзани за тој недостаток да го покриваме преку увоз, во моментот кога се прави увоз во овој период, за овие производи има царинска давачка од 65 отсто“, рече Бектеши.

Бектеши посочи дека е донесена и Одлука да се зголемат дозволените квоти за увоз на јужно овошје во земјава со што, како што кажа, очекува да се намалат цените на овие продукти во текот на годината.

Видете и ова: Од денеска безалкохолните пијалаци и пивото со намалена цена

Со цел да се почитуваат одлуките на Владата, додаде тој, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се постојано на терен и нагласи дека изминатите неколку дена се затворени повеќе маркети во Куманово, Тетово, Гостивар и Струга кои не ги почитувале одлуките на Владата и не ги намалиле цените.

Согласно последните одлуки на Владата намалени се царините на 10 отсто на: доматот, краставиците, благи и лути пиперки, кромид, праз, карфиол, брокула, главчеста салата, друга салата, моркови, модар патлиџан, тиквички.

Оваа одлука стапува на сила од денот кога ќе бидат објавени во Службен весник и ќе траат до 28 февруари 2024 година.

Исто така, според одлуката на Владата за дополнителни 2 000 тони од сегашните 8.000 тони се зголемени без царинските квоти за агруми, свежи или сушени, портокали, мандарини, клементини, грејпфрут, лимони и лимета. Оваа одлука стапува на сила од денот кога ќе биде објавена во Службен весник и важи до 31 декември 2023 година.