Повеќе од половина од околу 120 000 етнички Ерменци од Нагорно-Карабах пристигнаа во Ерменија по молскавична воена операција на Азербејџан во регионот, соопштија ерменските власти во четвртокот (28-ми септември).
Портпаролката на ерменскиот премиер Никола Пашинјан рече дека повеќе од 65 036 луѓе од Нагорно-Карабах дошле во Ерменија.
Егзодусот започна откако Азербејџан го отвори единствениот пат што води од Нагорно-Карабах кон Ерменија четири дена по договорот за прекин на огнот со кој заврши воената операција на Азербејџан на 19 и 20 септември, давајќи му на Баку целосна контрола врз регионот.
Ерменскиот премиер Пашинјан го обвини Азербејџан за „етничко чистење“, предупредувајќи дека ниту еден етнички Ерменец нема да остане во Нагорно-Карабах откако азербејџанските сили ја презедоа контролата на територијата на етничките Ерменци во молскавична воена офанзива.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Ова е директен чин на етничко чистење, за што ја предупредивме меѓународната заедница“, рече Пашинјан на владиниот состанок на 28 септември, повикувајќи на конкретна акција од меѓународната заедница.
„Важни се изјавите со кои се осудува етничкото чистење на различни меѓународни актери, но доколку не бидат проследени со конкретни дејствија, овие изјави ќе се сметаат како правење морална статистика за историјата, така што во иднина различни земји ќе имаат можност формално да се оградат од ова злосторство, наведувајќи дека го осудиле“, рече Пашинјан.
Додека егзодусот од Нагорно-Карабах продолжува, предизвикувајќи стравувања од голема хуманитарна криза, лидерот на самопрогласената Република Нагорно-Карабах, Самвел Шахраманијан, рече дека сепаратистичкиот ентитет ќе престане да постои на 1 јануари.
По молскавична акција на азербејџанската армија, на 20 септември двете страни потпишаа договор за прекин на огнот.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот, кој по распадот на Советскиот Сојуз беше мнозинска етничка ерменска енклава во меѓународно признатата граница на Азербејџан.
Регионот првично беше под контрола на етничките ерменски сили, потпомогнати од ерменската армија, во сепаратистичките борби кои завршија во 1994 година. Сепак, за време на војната во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах заедно со околните територии.