Азербејџан го уапси поранешниот премиер на де факто владата на Нагорно Карабах

Фотографија на Државната гранична служба на Азербејџан на која се гледа дека Рубен Варданијан е приведен од азербејџанските власти.

Граничната полиција на Азербејџан на 27 септември објави дека го уапсила милијардерот Рубен Варданијан, поранешен руски државјанин со ерменско потекло, кој беше премиер на де факто владата на сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах.

Вардинијан беше премиер помалку од три месеци пред да се повлече во февруари.

Според граничната полиција на Азербејџан, Варданијан бил уапсен додека бегал од Нагорно Карабах, кој сега е целосно контролиран од Азербејџан, заедно со илјадници етнички Ерменци. Варданијан преку коридорот Лачин одел во Ерменија. Тој е префрлен во Баку, се вели во соопштението.

Сопругата на Варданијан, Вероника Зонабенд, го потврди притворот на нејзиниот сопруг.

„Азербејџанските власти го уапсија мојот сопруг Рубен Варданијан на границата додека се обидуваше да мине утрово, заедно со илјадници Ерменци кои бегаат од азербејџанската окупација“, се вели во соопштението на Зонабенд објавено од канцеларијата на Варданијан.

Додека ја преминуваа границата во вторникот на 26 септември, илјадници етнички Ерменци беа подложени на ригорозни проверки од страна на граничната контрола на Азербејџан.

Видете и ова: Најмалку 20 мртви и над 300 повредени по експлозијата во Нагорно-Карабах

Азербејџанските власти тврдеа дека бараат осомничени за „воени злосторства“, а владин извор изјави за новинската агенција Франс прес дека земјата има намера да спроведе „амнестија за ерменските борци кои го положија оружјето во Карабах“.

„Но, оние кои извршија воени злосторства за време на војните во Карабах мора да ни бидат предадени“, велат тие.

Нагорно-Карабах е признаен како дел од Азербејџан и е под контрола на етничките Ерменци веќе три децении.

Стравувањата од обновено насилство се појавија кога Азербејџан ја блокираше виталната рута кон енклавата во декември 2022 година.

Варданијан јавно се откажа од руското државјанство во септември 2022 година и рече дека донел одлука да се пресели во Нагорно-Карабах со разбирање за сите ризици со кои би можел да се соочи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Егзодус на етничките Ерменци од Нагорно Карабах

Тој тогаш рече дека по ерменско-азербејџанската војна во 2020 година за Нагорно-Карабах, што резултираше со тоа што Баку ја врати контролата врз големи делови од спорниот регион и седум соседни области, „Ерменците ширум светот“ мора да бидат со Нагорно-Карабах.

Минатата недела, азербејџанските сили започнаа молскавична офанзива, совладувајќи ги силите на Нагорно-Карабах и преземајќи контрола, испраќајќи десетици илјади етнички Ерменци кои избегаа од регионот во Ерменија.

Варданијан е роден во главниот град на Ерменија, Ереван, во 1968 година. Тој е поранешен главен извршен директор на руската инвестициска банка Тројка Дијалог, која беше купена од Сбербанк во 2011 година.

Магазинот Форбс го процени имотот на Варданијан на 1 милијарда долари во 2021 година. Форбс го нарече Варданијан еден од „основачите“ на руската берза.