Лидерите на косовската опозиција се сретнаа со Османи за нападот во Бањска

Зградата на Собранието на Косово, во која се сместени и канцелариите на Претседателството. (Архивска фотографија)

Лидерите на опозициските партии во Косово се сретнаа со претседателката Вјоса Османи и со директорот на Косовската разузнавачка агенција (КИА) Петрит Ајети, по нападот врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику изјави дека на средбата бил информиран за безбедносната состојба на Косово, по нападот во кој загинаа полицискиот наредник Африм Буњаку и тројца напаѓачи од српска националност.

„Ја изразив благодарноста на Демократскиот сојуз на Косово до сите во службата. Ја изразив и неопходноста од национално единство пред предизвиците што можат да дојдат од Србија, како држава на покровителство и засолниште на терористите“, напиша Абдижику на Фејсбук.

Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, по средбата изјави за новинарите дека е важно да се разговара во такви безбедносни ситуации „бидејќи безбедносниот ризик сè уште постои“.

Тој рече дека треба да се покрене меѓународна истрага за настаните од 24 септември, бидејќи овој случај, според него, е „чист тероризам“, обвинувајќи ја Србија дека стои зад него.

Видете и ова: СПЦ изрази сочувство до албанските и српските семејства

„Србија не крие дека ја спонзорира, тренира и дава инструкции на оваа терористичка група. Бидејќи е така, интересот на Америка и ЕУ е да спроведат истрага и да докажат дека Србија стои зад овој напад - иако е тоа видено и познато во целиот свет - но да го истражат меѓународни истражители, со можност за суд“, рече тој.

Лидерот на најголемиот опозициски субјект, Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи во текот на денот ќе се сретне со Османи.

Косово ја обвинува Србија дека е одговорна за нападот во Бањска, што Белград го негира.

На 26 септември, косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља објави видео снимено од дрон за кое тврди дека на него се гледа вооружениот Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, која како најголема српска партија на Косово има поддршка на Белград, стоејќи во манастирската бања со група вооружени луѓе во униформа.

Свечља на 27 септември рече дека еден од напаѓачите убиени во Бањска, Бојан Мијаиловиќ, бил телохранител на шефот на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), Александар Вулин, за време на неговата последна посета на Косово во 2013 година.

САД и Европската унија остро го осудија нападот и побараа одговорните да се соочат со правдата.

Многу членки на Европската унија бараат воведување мерки против Србија доколку се докаже поврзаноста на Белград со нападите во Бањска, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа, без да го прецизираат бројот на инволвирани земји.