Од денеска штрајк на вработените во јавните обвинителства

Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ

Вработените во јавните обвинителства од денеска стапуваат во штрајк, соопшти претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски од пред Основното јавно обвинителство - Скопје.

Барањата на вработените во обвинителствата се зголемување на платите за 78 отсто и враќање на додатоците на плата во висина од 35 отсто.

Штрајкот ќе се одвива пред зградите на сите 28 јавни обвинителства на територијата на државата, нивните холови или сали за состаноци, а како што рече Деаноски, ќе трае сѐ до исполнувањето на нивните барања. Согласно законските прописи вработените во јавните обвинителства ќе работат само предмети во кои има притвор, претрес или неодложни жалби.

„Нема да дозволиме никакви притисоци врз вработените да извршуваат работни задачи, освен оние кои се итни и неодложни. За почетокот на штрајкот е информиран министерот за правда, кој не најде време да не прими и да ги слушне нашите барања. До сите политички партии во Собранието е испратен амандман со кој се бара во ребалансот на буџетот да се предвидат средства за повисоки плати за вработените во обвинителствата. Спремни сме да ги издржиме сите притисоци“, рече Деаноски од пред Основното јавно обвинителство - Скопје.

Видете и ова: ССМ: Или повисоки плати за работниците или протести

Револтот кај вработените во јавните обвинителства се јавува откако Уставниот суд донесе одлука за покачување на платата на функционерите, притоа за вработените во јавните обвинителства ги скрати додатоците на плата кои изнесуваа 35 отсто, за вработените во одделот за организиран криминал, и додатоците од 5 отсто за сите останати. Просечната плата на вработените во јавните обвинителства изнесува 22 000 денари.

Изабела Илиева од синдикалната организација при Јавните обвинителства на Република Северна Македонија, рече дека зголемувањето на платата според општиот колективен договор не е доволна и апелираше до министерот за финансии и до министерот за правда што поскоро да остварат средба, бидејќи како што рече штрајкот ќе се радикализира.

Од неодамна штајкува и судската администрација, а под „закана од штрајк и прекин на работата“ се и вработените во државното Правобранителство, Управата за заштита на културното наследство и во Фондот за здравствено осигурување.