Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека ќе го блокираат со амандмани законот за амнестија кој е поднесен во Собранието, бидејќи намерата на власта со овој закон, како што вели, е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни.
„Да, ние ќе го блокираме, тука не треба да има никаква дилема, ова не е закон со европско знаменце како што беа измените во кривичниот законик и ние ќе го блокираме во рамките на собраниската процедура, зошто овој закон има двојна намена. Првата е да ослободат криминалци кои одлежуваат затворска казна, бидејќи така им ветиле, тука не мислам само на СДСМ и ДУИ, туку и на помалиот коалициски партнер Алијансата за Албанците ако воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ или барем оној дел кој што се идентификува како Алијанса за Албанците, значи тоа се преземени обврски кон криминалците кои што се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат намалување, делумна амнестија, дел целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Илинден.
Тој додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да се пресмета со криминалот од каков било облик.
Видете и ова: Предлог законот за амнестија по скратена постапка во Собрание
Министерството за правда на 26 септември соопшти дека предлог законот за амнестија ќе биде доставен до Собранието и дека е предвидена скратена собраниска постапка. Според последните податоци од Министерство за правда со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.
Како основна причина за донесување на закон за амнестија во предлогот доставан денеска до медиумите е посочена потребата од ресоцијализација на определен број осудени лица, имајќи ги предвид и условите и капацитетите во казнено-поправните установи во држават како и растеретувањето на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна.
Амнестијата нема да се однесува за осудените за злоупотреба на службена должност. За осудените и обвинетите за злоупотреба на службена должност е предвидено намалување на затворската казна со друг закон, односно со измените на Кривичниот законик за кој пристигнаа критики од меѓународната заедница во однос на начинот на кој беа донесени и што тие ќе значат за случаите со висока корупција.