Курти: Косовските Срби мора да бидат ослободени од туторството на Србија

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти во средата (27 септември) изјави дека нападот во селото Бањска во општина Звечан ги изложил тешкотиите и потребата од меѓународна соработка за одржување, заштита и контрола на границата со Србија.

Курти седницата на Владата ја започна со едноминутно молчење во чест на убиениот полицаец.

„Границата со Србија, покрај тоа што е долга и на планински терен, особено во северниот дел, го прави особено опасно и тешко однесувањето и апетитот на официјален Белград“, рече Курти.

Тој рече дека учеството на потпретседателот на Српската листа, Милан Радојчиќ, во овој напад, кој го окарактеризира како терористички, ја докажува „виталната важност за заживување на политичкиот плурализам на Србите на Косово“.

„Нема демократија и слобода без плурализам. Косовските Срби мора да бидат ослободени од туторството на Србија“, рече косовскиот премиер.

Видете и ова: Заврши акцијата на косовската полиција во Бањска, патот останува блокиран

Во селото Бањска на 24 септември дојде до конфликт меѓу косовската полиција и вооружена група во кој загинале еден косовски полицаец и тројца напаѓачи од српска националност.

Косовската полиција продолжува да го блокира патот што води до селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово.

Групата која ноќта меѓу саботата и неделата ги нападна полицајците кои се обидуваа да ја тргнат блокадата од патот, се засолниле во манастирот Бањска од каде продолжиле со нападите врз полицијата.

Осуммина од нив се уапсени и обвинети за: тероризам, постапување против уставниот поредок и безбедноста на Косово. Косовската полиција откри арсенал оружје од различен калибар, автомобили, униформи и други предмети планирани за нападот.