Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата семејна фирма се прогласени за виновни за измама во граѓанска тужба поднесена од државната обвинителка Летиција Џејмс, која го обвини дека незаконски тврдел дека има поголем имот и нето вредност.
Одлуката ја донесе судијата Артур Енгорон од државниот суд во Њујорк на Менхетен.
Џејмс го тужеше Трамп во септември 2022 година, обвинувајќи го него и фирмата дека цела деценија лажеле за вредноста на нивните средства и нето вредноста на 45-тиот американски претседател со цел да добијат подобри услови за банкарски заеми и осигурување.
Таа рече дека Трамп го зголемил сопственото нето богатство за дури 2,23 милијарди долари, а за една мерка дури 3,6 милијарди долари, на годишните финансиски извештаи дадени на банките и осигурителните компании.
Јавната обвинителка рече дека имотот чија вредност е „надуена“ го вклучува имотот на Трамп Мар-а-Лаго на Флорида, неговиот стан во поткровје на Менхетен и разни деловни згради и терени за голф.
Видете и ова: Трамп се изјасни за невин за обидот да ги поништи изборните резултатите во Џорџија
Трамп и другите обвинети тврдеа дека никогаш не извршиле измама и дека спорните трансакции биле профитабилни. Тие планираат да поднесат жалба на одлуката на Енгорон.
„Денешната безобразна одлука е целосно неповрзана со фактите и со важечкиот закон. Претседателот Трамп и неговото семејство ќе ги следат сите достапни апели за да ја исправат оваа неправда“, рече Кристофер Кисе, адвокатот на Трамп.
Обвинителката Џејмс рече дека ќе го претстави остатокот од нејзиниот случај на судење.
„Тоа е поразителна пресуда“, рече Бил Блек, кој се занимава со финансиска регулација на Правниот факултет на Универзитетот во Минесота. Тој рече дека откажувањето на деловните сертификати може да и наштети на способноста на Трамп да заработува пари.
Трамп се кандидираше за републиканска претседателска номинација во 2024 година и води во анкетите и покрај кривичните пријави со кои се соочува во повеќе случаи.