Во новиот артилериски напад на руските трупи во јужните украински региони Никопол и Херсон, биле ранети цивили, додека куќите и инфраструктурата биле оштетени, објавија регионалните власти рано на 27 септември. Ова се случува додека украинските сили продолжуваат со офанзивните операции на југ и исток од земја, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Дванаесет лица се ранети претходниот ден во Херсон, како резултат на руско гранатирање , изјави за Телеграм, Олександар Прокудин, шеф на регионалната воена администрација.
„Во областа Никопол, две лица се ранети во руско гранатирање,“ изјави на 27 септември, Сергеј Лисак, шеф на воената администрација на регионот Дњепропетровск.
Тој рече дека при нападот била опожарена двокатна зграда, но дека спасувачите го изгаснале пожарот.
Генералштабот на украинската армија во својот дневен извештај наведува дека украинските сили изведуваат офанзивни операции во близина на градот Бахмут на исток и во областа Мелитопол, додавајќи дека вкупно 26 битки се воделе долж линијата на фронтот во последните 24 часа.
На 26 септември Русија повторно ги нападна објектите за извоз на жито во регионот Одеса, предизвикувајќи штета и повреди меѓу локалното население, соопштија украинските власти.
Гувернерот на Одеса, Олех Кипер, рече дека Измаил, едно од двете пристаништа на Дунав што ги користи Украина за извоз на жито, е погодено, а зградата на контролниот пункт, складиштето и повеќе од 30 камиони и автомобили се оштетени. Тој додаде дека две лица биле ранети во нападот.
Видете и ова: Украински ракетен напад врз седиштето на руската Црноморска флота на КримРусија ги засили воздушните напади врз локациите, насочени особено кон украинската инфраструктура за извоз на жито во јужните региони Одеса и Миколаев.
Украина продолжи да извезува жито и покрај повлекувањето на Русија од договорот постигнат со посредство на Обединетите нации во јули, кој овозможи безбедна испорака на жито.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети нови украински акции против Русија по минатонеделниот ракетен напад врз седиштето на руската Црноморска флота во кој, според Киев, загинаа 34 офицери, вклучувајќи го и командантот на флотата.
Тврдењата на Украина за нејзиниот напад врз руската Црноморска флота не може да се потврдат, додека Русија објави значително помал број на жртви од нападот на кримското пристаниште Севастопол на 22 септември. Автомобилскиот сообраќај беше накратко прекинат на Кримскиот мост во средата наутро, соопштија руските власти.
Мерката обично се презема како одговор на украинските напади со беспилотни летала или ракети.