Најмалку 100 загинати во пожар на свадба во Ирак

илустрација

Најмалку 100 луѓе загинале, а повеќе од 150 биле повредени во пожар на свадба во северниот ирачки град Каракош, соопштија властите рано во средата.

Пожарот што ја зафатил салата за венчавки најверојатно бил предизвикан од огномет на прославата.

Органите за цивилна заштита по прелиминарната истрага изјавија дека во салата имало монтажни панели кои се многу запаливи и ги нарушуваат безбедносните стандарди.

„Пожарот предизвика пад на некои делови од таванот поради употреба на лесно запаливи, евтини градежни материјали“, се наведува во соопштението.

На снимката прикажана на локална телевизија се гледа дека невестата и младоженецот стојат на подиумот кога избувнал пожарот во вторникот вечерта.

„Требаше да почнат да танцуваат, а потоа некој запали нешто, што предизвика пожар“, изјави една повредена жена за телевизискиот канал Рудав.

Видете и ова: Бројката на жртви од пожарот во болница во Ирак се искачи на 92 лица

Во кратката изјава, премиерот Мохамед Шија ал Судани ги повика министрите за здравство и за внатрешни работи да ги „мобилизираат сите напори“ за да им помогнат на настраданите од пожарот.

Безбедносните стандарди често се занемаруваат во ирачкиот градежен сектор. Поради лошата инфраструктура по децении конфликт, пожарите и несреќите се вообичаени во Ирак.

Во јули 2021 година, во пожар во оддел за ковид пациенти во болница во јужен Ирак загинаа повеќе од 60 луѓе. Во април истата година, експлозија на боца со кислород предизвика пожар во болница во Багдад во кој загинаа повеќе од 80 луѓе.