Уривање на дивоградби и ограничување на градбите во старото градско јадро на Охрид се само дел од задолженијата што им ги даде Владата на надлежните институции по препораките на УНЕСКО.
Владата на денешната седница донесе одлука за итни мерки со цел рехабилитација на Охридскиот регион. Оваа одлука е донесена по последните препораки на мониторинг мисиите на УНЕСКО потенцирани од Комитетот за светско наследство искажани на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржа во Ријад, Саудиска Арабија.
Видете и ова: Охридскиот регион останува на листата на светски наследства на УНЕСКО
Владата на денешната седница ја задолжила Управата за заштита на културното наследство да ги дефинира односно ограничи можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правен основ за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид.
„Се задолжува Министерството за транспорт и врски, а се укажува на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, во прецирани рокови, секој во рамките на своите надлежности да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за коишто се издадени правосилни решенија за отстранување и за коишто се обезбедни финансики средства за остранувањето“, се вели во владиното соопштение.
Минатогодишните 19 препораки на УНЕСКО и лани но и годинава чекаа реализација, а меѓу нив беше воспоставување на мораториум на било каква крајбрежна и урбана трансформација додека не се усвојат релевантна и ефикасна законска заштита, изработка на регистар на дивоградби, одлуки за рушење на дивоградби, затворање на илегалните депонии и решавање на проблемот со отпадот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Бернската конвенција уште во мај минатата година упати слично барање до македонските власти да ги запрат сите проекти во Охридскиот регион, додека не биде направена теренска проценка за влијанието на урбанизацијата врз природните вредности, но и дека македонската Влада не ѝ доставува навреме извештаи и ажурирани податоци во врска со заканите врз природните вредности на Охрид и Галичица.
Бернската конвенција е обврзувачки меѓународен правен инструмент за заштита на природата и природното наследство на европскиот континент.
Видете и ова: Странците треба да ни кажат дека си ги уништуваме природните богатстваДополнително општините и Министерството денеска добија задача сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма.
Владата им даде задача на неколку министерства и надлежни институции да изработат и предлог закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Претходно министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска информираше дека Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и на советодавните тела во почетокот на следната година повторно ќе се врати за да ја оцени имплементацијата на препораките и на мерките за рехабилитација на Регионот.
Видете и ова: Фекални бактерии како ендемски видови во Охридското Езеро„Иако полека се оддалечуваме од листата на Светско наследство во опасност, не смееме да го изумиме фактот дека само нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион во загрозено светско природно и културно богатство“, изјави на 20 септември министерката за култура.
Таа истакна дека препораките не се лесни и дека нивното реализирање бара целосно внимание. За да се постигне успех, посочи, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – централната власт, локалната самоуправа, установите и граѓаните.