Притвор од 30 дена за осомничениот за убиство на жена со над 40 убоди од нож

Илустративна фотографија, протест против насилство врз жени

Основниот суд во Кочани му одредни мерка притвор на осомничениот за свирепото убиство на 46 годишна жена. Јавното обвинителство во Кочани отвори истрага за убиство против 59 годишниот осомничен за кој се верува дека над 40 пати ја прободел со нож жртвата.

„Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и и задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Oд Платформата за родова еднаквост реагираат дека се случи уште еден фемицид поради непостапување на институциите.

„Згрозени од најновиот случај на фемицид, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, се сомневаме дека институциите не постапиле според своите надлежности и бараме да се утврди одговорност. Не, не станува збор за немил или трагичен настан, како што известија некои медиуми, туку станува збор за убиство, фемицид, којшто како таков треба да биде квалификуван и претставуван во јавноста. Затоа што ниту е трагичен случај, ниту е немил настан, туку е убиство на жена – фемицид и е најсериозниот вид на родово базирано насилство“, се вели во нивното соопштение.

Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на жените

Во него е посочено дека овој настан отвора сомнеж за тоа дали соодветно и со должно внимание било постапувано од страна на институциите и дали пријавите што ги поднела жртвата биле третирани како пријави за родово базирано насилство и дали биле преземени сите соодветни мерки, како од полицијата, зато што жртвата пријавувала во полиција, така и од обвинителството, но и од центарот за социјални работи, како институции кои што треба да пружат заштита на жртвите на родово базирано насилство.

„Пред само еден месец се случи фемицид и во Куманово со две жртви кои исто така неколку пати пријавувале насилство, но и во тој случај институциите не реагирале со должно внимание, навремено и според своите надлежности“, пишува во реакцијата.

Видете и ова: Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделина

За фемицидот гласно се зборува, се менуваат закони, се прават кампањи, но бројката на убиства на жени се зголемува. Годинава имало пет фемициди. Судската пракса, за минатите години, покажува дека сторителите добиле најниско пропишани законски казни.

Во истражувањето „Фемицидот во Северна Македонија - состојба, правна рамка и судска пракса се анализирани четири години (од 2018 до 2022) во кои имало 17 постапки за фемицид за 19 кривични дела. Пет од сторителите биле во брак, пет во вонбрачна заедница, четири разведени и тројца неженети. Најголем дел од нив биле невработени. Како жртви се јавуваат нивните сопруги, сегашни или бивши, а потоа следат мајки, баби, или мајки на сопругата.