Министерството за правда соопшти дека предлог законот за амнестија ќе биде доставен до Собранието и дека е предвидена скратена собраниска постапка. Според последните податоци од Министерство за правда со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата, велат од Министерството за правда.
Како основна причина за донесување на закон за амнестија во предлогот доставан денеска до медиумите е посочена потребата од ресоцијализација на определен број осудени лица, имајќи ги предвид и условите и капацитетите во казнено-поправните установи во држават како и растеретувањето на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна.
Но, ниту во предлогот законот, ниту во соопштението од министерството за правда не е наведена причина за скратената собраниска процедура во која очекува Министерството да помине ова законско решение.
Дополнително од министерството за правда тврдат дека овој предлог закон поминал на минатата седница.
„Текстот на законот кој беше усвоен на минатата владина седница беше усогласен и даден на мислење, по што Владата даде зелено светло на денешната седница и ќе биде доставен во Собранието“, се вели во соопштението на Министерството на 26 септември.
Но, во соопштението од минатата 186 владина седница беше посочено дека предлог законот беше вратен на доработка.
„Владата, на денешната седница го разгледа и текстот на Предлог законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на Предлог законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија со надлежните институции“, се вели во владиното соопштение од 19 септември.
По таа седницата проструи информацијата дека министерот за правда, Кренар Лога, се заканил дека ќе поднесе оставка, ако не помине неговиот предлог. Но од Министерството за правда за Радио Слободна Европа потоа рекоа дека тој не поднел писмена оставка.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска (на 26 септември ) изјави дека законот бил разгледуван на претходната седница, на која било одлучено дека треба да биде усогласен со секторот законодавство во деловите за третманот на осуденици во странство, согласно меѓународните конвенции.
„Тоа е направено во меѓувреме. Во текот на наредните два дена, односно 48 часа, министерот за правда, Кренар Лога, ќе има детален брифинг со претставниците на медиумите за овој закон, кој што истовремено ќе биде доставен до Собранието. Што значи дека се работи за спроведена постапка и министерот за правда кој што ги знае сите детали во овој закон и за кој што тој веќе информираше и го имаше доставено на разгледување до пратеничките групи во Собранието пред да биде финално изготвен, ќе има детален брифинг со медиумите“, рече премиерот.
Видете и ова: Од обвинети за криминал до обесштетување од државата
Со предлог законот се предлага на осудениците на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
Според објавениот предлог закон за амнестија со намалувањето на затворски казни нема да бидат опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција силување и семејно насилство, или измама со пари од европски фондови.
Видете и ова: Ковачевски контра ЕУ за Кривичниот законик - исти закони имаат европските земјиАмнестијата нема да се однесува за осудените за злоупотреба на службена должност. За осудените и обвинетите за злоупотреба на службена должност е предвидено намалување на затворската казна со друг закон, односно со измените на кривичниот законик за кој пристигнаа критики од меѓународната заедница во однос на начинот на кој беа донесени и што тие ќе значат за случаите со висока корупција.