Косовската влада обвини дека Радоичиќ бил водач на нападот во Бањска

Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечља објави видео за кое тврди дека на него се гледа дека потпретседателот на политичката партија „Српска листа“, Милан Радоичиќ, е меѓу униформираните вооружени лица кои се судрија со косовската полиција во манастирот Бањска во општина Звечан на северот на Косово.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово. Во Бањска загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

„Главниот криминалец Радоичиќ беше водач на оваа терористичка група и нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Ова е уште еден доказ за неговата терористичка активност против Република Косово. Потпретседателот на Српската листа е лидер на терористичкиот напад и терористичката група“, напиша Свечља во објавата на неговиот официјален Фејсбук профил.

По објавата, во интервју за Еуроњуз Албанија, Свечља повтори дека видеото кое било снимено со полициски дрон се гледа дека Радоичиќ бил во просториите на манастирот Бањска.

Тој тврди дека во неделата во акција биле вклучени, како што вели, над 30 терористи предводени од Милан Радоичиќ. Според неговата проценка бројот на загинатите напаѓачи можеби е поголем од тројца, но додаде дека се уште се бараат „точни докази“ за точниот број.

Српската листа е најголемата партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград, додека Радоичиќ е на црната листа на САД поради корупција и меѓународен криминал. Тој се поврзува и со убиството на Оливер Ивановиќ, српски опозициски политичар во Косово.

Претходно во негова одбрана досега јавно застанаа српската листа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.Но, овој пат никој не коментираше до сега јавно за тврдењето дека Радоичиќ бил вмешан во немири на северот на Косово.

Видете и ова: Србија прогласи Ден на жалост поради случувањата на Косово

Радио Слободна Европа (РСЕ) се обиде да стапи во контакт со Милан Радоичиќ, но безуспешно. Партијата „Српската листа“ не одговори на барањето да ги коментира обвинувањата на косовските власти дека нивниот потпретседател бил вмешан во нападот на косовската полиција на северот.

Косовската полиција ја презеде контролата врз манастирот доцна во неделата, на 25 септември. При нападот на 24 септември вооружената група се засолни во манастирот Бањска, од каде се судри со косовската полиција. Во размената на оган полицијата уби тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив се уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште две лица.