Ковачевски-Партиите од „Европскиот фронт“ со заеднички кандидат за претседател на следните избори

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, архивска фотографија

На следните претседателски избори политичкиот концепт „Европски фронт “ од партии кои се залагаат за европска интеграција на државата ќе имаат заеднички кандидат изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој оваа изјава ја даде како одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети кој неодамна изјави дека на следните избори сака да излезе со заедничка листа со неколку албански партии и СДСМ.

„Во однос на изборниот настап, јас потврдувам дека на следните претседателски избори, кандидатот на европската коалиција, на концепцијата и политичките партии кои се залагаат за интеграција на Северна Македонија ќе биде победничкиот кандидат и ќе биде избран за претседател на Република Северна Македонија. А подоцна коалицијата која е за европска Македонија ќе ја формира повторно следната влада во државата. А во однос на конкретниот настап на изборите тоа останува да биде дел од еден коалициски договор кој се прави врз основа на програма, кој се прави врз основа на коалициско усогласување и врз основа на усогласување на систем на вредности од повеќе коалициски партнери, но ниту една опција не е исклучена во тој дел,“ изјави Ковачевски.

Ковачевски додава дека во земјава постоеле само два политички концепти, европски фронт и втор концепт кој се залага за блокада и изолирана државата, посочувајќи ја политичката ситуација пред 11 години.

Претходно Ахмети во интервју за ТВ 21 изјави дека негова политичка желба е на следните избори да имаат заедничка листа сите албански партии и СДСМ.

„Тоа е прашање за кое треба да се дебатира. Не е нешто ненадминливо. Не е ненадминлива разлика. Јас сум спремен за една листа. Знаци сите албански партии на една листа. Со нас, но секоја со своја автономија. Исто така сме спремни во овој европски фронт, ние сме спремни да влезе и македонска партија, во овој случај СДСМ“, изјави Ахмети.

Видете и ова: Амнестиите изгубени во политичкиот пазар

Мандатот на актуелниот претседател Стево Пендаровски истекува на 12 мај 2024, додека на пратениците на 4 август 20214 година. Датумите за претседателските и парламентарните избори сѐ уште не се утврдени.

Во однос на прашањето за законот за амнестија, Ковачевски изјави дека е поминат на владина седница и дека за два дена министерот за правда Кренар Лога ќе ја извести јавноста за направените измени во него и дека ќе биде пуштен во собраниска процедура. Со тој закон се предвидуваше да бидат амнестирани 250 затвореници од вкупно 2.345 осудени лица кои ги издржуваат затворските казни во сите затвори во земјата. Според податоците од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа. Според нивните податоци, во македонските затвори има легла за само 2.113 луѓе, а нив се сместени 2.345 осуденици. Дополнително во нив се сместени и над 260 луѓе опфатени со мерката притвор, како и 20 малолетници кои го прекршиле законот.

На вака предложениот закон за амнестија се спротивстави и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која тврди дека е селективен, парцијално решение кое служи за „ситни политички поени“ пред избори.Во меѓувреме во јавноста не стивнуваат негативните реакции за донесените измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за евентуалните кривични дела сторени од функционери како што е злоупотреба на службена должност.