Септември изминува, а учениците во шесто одделени нема да ги имаат сите учебници. Министерот за образование Јетон Шаќири на почетокот на учебната година изјави дека до крајот на септември ќе бидат доставени сите учебници за основно образование. Но денеска изјави дека за шесто одделение се одобрени учебниците по Македонски јазик, Албански јазик, Природни науки, кои се на графичко-техничка обработка и печатење, а учебникот по Математика, е одобрен, но ќе треба да поминат пет дена за жалбена постапка. Од септември, пак, остануваат уште три работни денови.
Учебниците за трето и за шесто одделение се по нова наставна програма и не беа доставени до училиштата на стартот на новата учебна година. Министерот вели дека сега учебниците за трето се доставени до сите основни училишта. Тој најави дека Министерството за образование и наука (МОН) утре ќе сподели точни информации со план за достава на учебниците од новата реформа до сите училишта, од прво до шесто одделение.
Од вкупно 126 учебници потребни за сите предмети во основното образование, на почетокот на оваа учебна година Министерството за образование не обезбедило една третина односно 43 учебници покажуваат податоците од државната Комисија за спречување на дискриминација.