Дрисла се соочува со казна до 120 илјади евра за загадување на Маркова Река

Маркова Река.

Јавното претпријатие депонија „Дрисла“ Скопје се соочува со казна од 110 илјади до 120 илјади евра, а управителот со казна до шест илјади евра, за загадување на Маркова Река, соопшти владината прес-служба на 26 септември.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) спроведе вонредниот надзор на 4 септември годинава, по дојава на граѓани од селото Батинци, кое се наоѓа во близина на депонијата, надвор од Скопје, за загадување на Маркова Река.

При вонредниот надзор, визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова Река со темно кафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис.

Видете и ова: Пожарот во Дрисла изгаснат, од претпријатието повикуваат да не се шират дезинформации


Инспекторите земале и примероци од водата во реката и по извршените анализи е констатирано дека реката е загадена над дозволеното, а загадувачите доаѓаат од исцедокот од депонијата.

Маркова Река


Инспекторатот ѝ понудил на Дрисла спогодба, но од Јавното претпријатие не сакала да го потпишал Записникот по извршениот вонреден надзор, па затоа Инспекторатот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Во Македонија голем дел од отпадот се одлага во диви депонии, каде често се спалува, бидејќи единствена депонија која исполнува некакви стандарди е „Дрисла“ за која голем дел од јавноста се сомнева дека има голем удел за загадувањето на воздухот во Скопје од третманот на отпадот.

Стратегијата на Македонија за решавање на проблемот со отпадот во моментов е насочена главно кон изградбата на регионалните депонии. Во осумте плански региони во земјава, треба да бидат изградени регионални депонии со стандарди за заштита на животната средина, главно со помош на ИПА фондовите на ЕУ.