Србија прогласи Ден на жалост поради случувањата на Косово

Косовскиполицајци патролираат по патот до манастирот Бањска во близина на Звечан, Косово, 26 септември, 2023

Владата на Србија го прогласи 27 септември за Ден на жалост поради, како што наведоа, „трагичните настани“ на Косово.

„Владата на Србија бара од сите медиуми и организатори на јавни настани да ја прилагодат својата програма на Денот на жалоста во среда, 27 септември и со тоа да им оддадат почит на жртвите во Косово“, беше соопштено по вонредната седница на Владата на 26 септември.

Водечката партија на косовските Срби „Српска листа“ соопшти дека 26, 27 и 28 септември се прогласени за „денови на жалост за смртта на нашите сограѓани во трагичен настан во Бањска, општина Звечан“.

Тие изјавија дека во српските средини во Косово се откажуваат сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а „знамињата на Република Србија ќе бидат спуштени на половина копје на сите институции“.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово. Во Бањска загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Видете и ова: Косовската полиција и понатаму го истражува теренот околу Бањска

Вооружената група потоа се засолни во манастирот Бањска, од каде се судри со косовската полиција.
Во размената на оган полицијата уби тројца напаѓачи од српска националност, а шестмина од нив се уапсени. Ден подоцна, на 25 септември, во Бањска беа уапсени уште две лица.

Косовската полиција ја презеде контролата врз манастирот доцна во неделата, на 25 септември. Во меѓувреме, уапсени се шест лица осомничени дека се поврзани со вооружената група.

Се уште се истражува областа околу селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово, потврди на 26 септември заменик директорот на полицијата за северниот регион Ветон Елшани за Радио Слободна Европа.