Портпаролот на Европската унија Петер Стано оцени дека ситуацијата на северот на Косово е „многу опасна“ и нагласи дека последните настани само ја нагласуваат потребата од преземање итни чекори за деескалација.
„Не треба да ја повторувам најострата осуда на Европската унија за грозоморниот терористички напад што се случи врз припадниците на косовската полиција. Но, повторно, сето ова само го нагласува она што ЕУ цело време го зборуваше: мора да најдеме излез од постојаните кризи и враќање на нормалното решавање на проблемите преку дијалог бидејќи итно е потребна деескалација“, рече портпаролот на ЕУ.
Видете и ова: Блинкен ги осуди нападите врз косовската полицијаКосовската полиција беше нападната од маскирани лица во раните утрински часови на 24 септември, откако тие реагираа да ги отстранат барикадите поставени во градот Бањска.
Маскираните лица потоа се засолниле во манастирот Бањска. Во конфликтот со нив загинал косовскиот полицаец Африм Буњаку, а неколкумина биле ранети.
На 24 септември косовските власти соопштија дека во полициска акција биле убиени тројца напаѓачи, а на 25 септември полицијата соопшти дека е пронајдено телото на уште еден напаѓач.
Нападот врз косовската полиција беше осуден од меѓународната заедница.
Видете и ова: Русија внимателно ја следи „потенцијално опасната“ ситуација на КосовоСтано изјави дека ЕУ ќе се воздржи од дополнителни коментари додека не се утврдат сите околности.
„Во врска со вчерашните настани: истрагата е во тек, се уште работиме на расветлување на сите факти и детали во врска со овој терористички напад. Се додека не се утврди јасно, ќе се воздржуваме од коментирање на поединечни настани од вчера“, рече Стано.
Поради настаните од 24 септември на Косово, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак на 25 септември ќе се сретне со главните советници на лидерите на Германија, Франција и Италија и со американскиот пратеник за регионот Габриел Ескобар.