Украина тврди дека руските сили повторно ја нападнале Одеса

Пожарникарите гаснaт пожар во Одеса на 25 септември, 2023 година

Русија повторно ја нападна областа Одеса во јужна Украина со 19 беспилотни летала и 14 проектили, соопштија денеска украинските власти додавајќи дека едно лице е повредено, а пристанишната инфраструктура е оштетена.

Москва „го нападна регионот Одеса со дронови и два вида проектили“, информира гувернерот Олег Кипер на Телеграм, наведувајќи неколку напади, вклучително и напад врз пристанишната инфраструктура.

„Еден цивил е повреден од експлозија“, додаде тој, прецизирајќи дека лицето е префрлено во болница.

Наталија Хуменјук, портпаролката на јужната украинска воена команда, рече дека Русија очигледно „се обидува да ја тестира густината на воздушната одбрана“.

„Тие разбираат дека пристанишната инфраструктура е приоритет за нашиот регион и дека е сигурно заштитена. Сепак, затоа нападот што се случи вечерва беше и масовен и со комбинирани средства“, рече таа на Телеграм.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заробени руски тенкови во акција против руските сили

На друго место на југот на Украина, воената администрација во Херсон извести дека гранатирањето е засилено. Регионалниот гувернер Олександр Прокудин изјави дека Русија го нападнала градот Берислав, на десниот брег на реката Днепар, при што загинало најмалку едно лице.

Според украинската армија, Русија во нападот користела 19 дронови Шахед од иранско производство, две суперсонични ракети Оникс и 12 ракети Калибр. Активирана е и подморница, според истиот извор. Сите дронови и 11 проектили Калибр биле соборени од противвоздушната одбрана, но градот претрпел „значителна“ штета. Во еден хотел избувнал пожар кој брзо бил изгаснат.

Во исто време, гувернерот на руската област Курск, Роман Старовоит, соопшти дека украински напад со дрон оштетил административна зграда и неколку приватни домови. Засега нема информации за обемот на нападот и информацијата не може да биде потврдена од независен извор.