Вучиќ:На северот на Косово убиени тројца Срби

Александар Вучиќ - претседател на Србија (илустративна фотографија)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во свое обраќање по повод убиството на косовски полицаец на север на Косово и тензиите кои следуваа потоа, истакна дека постои страв дека во пукањето во манастирот во село Бањско загинале тројца Срби, а потои сомневање дека е загинат уште еден српски државјанин.

„Во овој момент, според нашите информации, тројца Срби загинале во Косово, од кои двајца од нив загинале откако во нив било пукано со снајпер. Две лица тешко повредени, а постои страв дека е убиено уште едно лице“, изјави Вучиќ.

Тој исто така го осуди убиството на косовскиот полицаец на север на Косово, но рече и дека за сите случувања на Косово единствен виновник е премиерот Албин Курти.

Видете и ова: Убиен полицаец на север на Косово, полицијата објави дека се ликвидирани тројца напаѓачи досега

Вучиќ во вонредното обраќање посочи дека околу 02:46 часот утрово, група Срби од Косово поставиле два камиони како барикади во Бањска. Тој потоа додаде дека косовската полиција подоцна пристигнала и се обидела да ги отстрани тие барикади.

Вучиќ нагласи и дека Србите од Косово „се побуниле не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“.

За потсетување, утрово во косовското село Бањска беше убиен косовски полицаец, а уште двајца беа повредени.

Косовските власти известија дека околу триесетина униформирани лица го окупираат просторот во и околу манастирот во Бањска, а во престрелки со полицијата убиени се тројца напаѓачи и четворица се приведени.

Косовските власти потоа соопштија дека ја преземале контролата врз претходно опколената област во селото Бањска.