Седум македонски државјани меѓу кои и дете се наоѓаат во косовското село Бањска каде утрово беше убиен косовски полицаец, а дополнително во текот на целиот ден околу триесетина вооружени напаѓачи го окупираа манастирот во Бањска.
Министерството за надворешни работи информира дека уште во раните утрински часови е добиена информација за македонските државјани во Бањска, а моментално полициски сили го обезбедуваат хотелот каде тие престојуваат.
„Амбасадата на Северна Македонија во Приштина е во комуникација со преставници на Министерството за внатрешни работи на Косово како и во директна комуникација со нашите граѓани. Во текот на денот, во неколку наврати Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари директна комуникација со Министерката Гервала, и во моментов косовските полициски го обезбедуваат хотелот каде се сместени нашите државјани, од каде се очекува после оствареното интервју тие да бидат испратени кон дома“, стои во соопштението на македонското МНР.
Видете и ова: Убиен полицаец на север на Косово, полицијата објави дека се ликвидирани тројца напаѓачи досегаОттаму дополнуваат дека претставници на македонската амбасада во Приштина постојано се во комуникација со македонските државјани, се до целосно завршување на нивниот трансфер назад во земјава.
Инаку, за потсетување, утрово во пукање во Бањска беше убиен косовски полицаец, а тројца полицајци беа повредени. Косовските власти соопштија дека околу 30 униформирани лица се наоѓаат во и околу Бањскиот манастир, но и дека тие се опколени од косовската полициска армија.
Подоцна во текот на денот, косовската полиција соопшти и дека се убиени тројца напаѓачи, а четворица од нив се приведени, но и дека состојбата во манастирот во Бањска и натаму е тензична.
Видете и ова: Свечља: Манастирот во Бањска е изворот на вооружениот напад на север на Косово