Шефот на саудиската дипломатија повика на формирање палестинска држава

Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал Бин Фархан

Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија Фајсал бин Фархан предупреди дека регионалната безбедност на Блискиот Исток зависи од „праведно и сеопфатно решение за палестинското прашање“.

Обраќајќи се пред Генералното собрание на Обединетите нации во саботата вечер, тој изјави дека се преземаат„еднострани мерки кои се флагрантно кршење на меѓународното право“.

„Безбедноста во регионот на Блискиот Исток бара забрзување на праведно и сеопфатно решение за палестинското прашање. Решението мора да се заснова на резолуции на меѓународната сцена и мора да донесе мир што ќе му овозможи на палестинскиот народ да има независна држава врз основа на границите од 1967 година, со главен град источен Ерусалим“, рече шеф на саудиската дипломатија.

Видете и ова: Нетанјаху: Израел е на чекор до историски договор со Саудиска Арабија

Тој додаде дека Саудиска Арабија, исто така, „ги отфрла и ги осудува сите еднострани чекори кои придонесуваат за колапс на регионалните и меѓународните мировни напори и го попречуваат патот кон дипломатски решенија“.

Во 16-минутниот говор, саудискиот министер не ги спомна напорите за постигнување договор за нормализација на односите на Израел со Саудиска Арабија.

Министерот се обрати на Генералното собрание на ОН, во време кога се повеќе се зборува за потенцијален историски мировен договор меѓу Саудиска Арабија и Израел, но и кога Ријад, наводно, бара израелски отстапки за Палестинците, но не и независна држава.

Ријад, исто така, бара отстапки од САД, одбранбен пакт и договор за оружје, како и соработка за воспоставување цивилна нуклеарна програма во Саудиска Арабија.