Ерменците предупредија дека ќе го напуштат Нагорно - Карабах

Дел од населението на Нагорно - Карабах побара привремено засолниште на аеродромот во Степанакерт

Ерменците од Нагорно - Карабах ќе се преселат во Ерменија бидејќи не сакаат да живеат како дел од Азербејџан и се плашат од етничко чистење, соопштија денеска за „Ројтерс“ членови на раководството на отцепениот регион.

Ерменците во Нагорно - Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, но надвор од контролата на Баку по распадот на Советскиот Сојуз, беа принудени да прогласат прекин на огнот на 20 септември по молскавичната 24-часовна воена операција на азербејџанската армија.

Азербејџан вели дека ќе ги гарантира нивните права и ќе го интегрира регионот, но раководството на Ерменците во Карабах изјави за Ројтерс дека тие спеак ќе си заминат.

Азербејџан постојано негираше каква било намера да им наштети.

Видете и ова: Пашинјан се надева дека Ерменците од Нагорно Карабах ќе можат да останат таму

„Нашите луѓе не сакаат да живеат во рамките на Азербејџан и 9,9 отсто од нив повеќе би сакале да ја напуштат нашата историска територија“, рече Давид Бабајан, советник на Самвел Шахраманијан, претседател на Република Арцах, како што Ерменците го нарекуваат Нагорно-Карабах.

Во тој планински регион живеат околу 120.000 Ерменци, од кои многумина со месеци немаат доволно храна и гориво поради блокадата што ја наметнаа азербејџанските сили.

Бабајан рече и дека не е јасно кога Ерменците од Карабах ќе се движат кон коридорот Лачин.

Азербејџан прогласи прекин на огнот во средата, откако ги принуди Ерменците да прифатат целосно враќање на Карабах, енклава на етнички Ерменци, под контрола на Азербејџан.

Видете и ова: Тензии во Ереван, опозицијата ја обвинува Владата за пораз во Нагорно - Карабах

Ерменија во саботата повика на итно распоредување на мисија на Обединетите Нации (ОН) за контрола на почитувањето на човековите права и безбедноста во Нагорно - Карабах, откако беше објавено пристигнувањето на помош во регионот за време на прекинот на огнот.