Пендаровски за протераните руски дипломати: Сите се занимаваа со шпионажа

Стево Пендаровски, претседател (илустративна фотографија)

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека сите 21 протерани руски дипломати од земјава постојано излегувале надвор од стусот што им е даден, бидејќи како што рече, тие биле со статус на дипломати, но се занимавале со шпионажа.

„Односите меѓу нас и Руската Федерација се на најниско ниво во историјата од познати причини. Во изминатите две години ние протеравме, без последниве тројца, 18 руски дипломати, кои беа со статус на дипломати и се бавеа со шпионажа. Секој поединечен случај од тие 18 и овие три плус, нашите служби со помош од партнерските и пријателски служби од НАТО алијансата докажаа до последна буква дека тие излегуваат надвор од статусот кој им е даден при доаѓањето во земјава. Значи тие не беа дипломати и заради тоа беа протерани“, изјави Пендаровски.

Видете и ова: Македонските власти протераа тројца руски дипломати

На прашањето за реципрочните мерки кои Руската Федерација ги најави кон Северна Македонија, Пендаровски вели дека е логично тоа да се случи, но посочи дека земјава немала друг избор освен да побара дипломатите да си одат.

„Сите служби кои се надлежни за тие работи кај нас и онаа за надворешно разузнавање и онаа за внатрешно имаат заеднички извештај во однос на активности на тие тројца дипломати и одлуката на државниот врв беше немионовна, нема тука избор, нема опција. Премногу е јасно дека тие не се бавеле со дипломатски активности онака како предвидуваат Виенските конвенции“, додава Пендаровски.

Македонските власти на 16ти септември потврдија дека четири дена претходно, на 12-ти септември, протерале уште тројца дипломати од руската амбасада во Скопје, со образложение дека истите презеле активности кои се во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односно, но не беше наведено за што конкретно станува збор.

Видете и ова: Бугарија го протера рускиот свештеник Васијан, потврди Москва