Македонците во Албанија слободно да ја изразат и потврдат својата етничка, јазична религиска и идентитетска припадност, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи, упатувајќи порака до сите Македонци во Албанија во врска со актуелниот попис кој се спроведува во таа земја.
Османи во своето обраќање вели дека Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество и „никој не треба да се плаши да ја изрази својата националност“.
„Албанија е слободна земја каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици од тоа. Со тоа, вие дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“, рече Османи.
Министерот за внатрешни работи во говорот ги потенцираше и, како што рече, добрите односи кои нашата земја ги негува со Албанија.
„Северна Македонија и Албанија се повеќе од соседи, земји со исклучително пријателски односи, и ние ќе останеме во интензивна комуникација со вас исто, како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашања коишто ве засегаат вас Македонците“, додаде Османи.
Пред самиот почеток на пописот во Албанија, Бугарската потпретседателка Илијана Јотова, замина во посета на Албанија, на средби со претставници на бугарското малцинство.
Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата, а Бугарија и пред тоа, но посебно по признавањето, активно дејствува на терен меѓу населението, делејќи книги и учебници и давајќи стипендии за студирање во Бугарија на албански граѓани што се изјаснуваат како Бугари.
Албанија го започна пописот на населението на 18 септември годинава, а според најавите, процесот на собирање на податоците од терен треба да заврши за шест недели, односно на 30 октомври.